Граѓаните на Македонија, меѓу кои и оние кои што ве изгласаа, бараат од вас да не попречувате можноста за подобра егзистенција и достоинствен живот.

Крајно време е да се откажете од тесно-партиските интереси и од партиската пропаганда, и да престанете да ги блокирате законските решенија кои што ќе им помогнат на две групи наши сограѓани.

Со вашите јалови дискусии во Собранието на Република Македонија за одбрана на криминалот и попречување на правдата, вие директно го блокирате усвојувањето на Законот за минималната плата кој ќе овозможи решавање и подобрување на стандардот на илјадници работнички семејства во Република Македонија.

И Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како ,,Законот за стечај“, со кој што ќе се реши долгата егзистенцијална агонија на овие наши сограѓани.

Доколку уште не знаете, да ве потсетиме што добиваат граѓаните на РМ со овие закони:

Со новиот закон за минимална плата илјадници работници во текстилната и кожарската индустрија во Република Македонија ќе имаат загарантиран минимален приход од 12.000 денари, наместо досегашните 9000.

Оваа мерка нема да по грбот на работодавачите, напротив, законот е усогласен и со работодавачите, и поддржан од синдикалните организации, а Владата на РМ ќе ги помогне работодавачите за исполнување и реализација на законските обврски од овој закон.

Со предлог Законот за стечајците се опфатени околу 3.000 работници кои биле најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата и работниците на кои им престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, за период од 1995 година до 31 декември 2016 година.

Овие наши сограѓани ќе добиваат месечен износ на средства во висина од 7596 денари, за што се обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија.

Нема да помине обидот преку грбот на граѓаните на Република Македонија и нивните реални потреби, со блокирање на процесите и постапките во Собранието на Република Македонија, да се покрие катастрофалниот рејтинг на Никола Груевски и неговата партија, која во пресрет на локалните избори со беспредметни пропаганди, дискусии и сеење на страв помеѓу граѓаните на Република Македонија, се обидуваат да го попречат решавањто на проблемите кои што тие ги создадоа изминативе години криминално владеење.

Нашите сограѓани бараат и очекуваат решавање на нивните проблеми, создадени 11 години. И не забораваат дека токму власта на Никола Груевски ги создаде, а токму денеска неговите пратеници промовираат лицемерие и лажна загриженост за проблемите на граѓаните.

Затоа, ги повикувам сите пратеници во Собранието на Република Македонија, во име на работниците и стечајците, да го одблокираат работењето на Собранието, и заедно да ги изгласаме законите, кои што живот значат и ги очекуваат работниците и стечајците од цела Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2017 16:18