Вљубениците во звукот на класичната гитара вечер во рамки на Фестивалот „Охридско лето“ ќе имаат несекојдневна можност да уживаат во уметничкиот израз на големиот шпански мајстор на гитара Игнасио Родес.
Родес е победник на пет интернационални натпревари по гитара, меѓу кои „Андрес Сеговија“, „Франциско Тарега“ и „Хозе Рамирес“, признат како еден од најталентираните гитаристи на неговата генерација. По брилијантното деби во „Вигмор хол“во 1986 година во Лондон, неговите настапи го водат низ целиот свет, во повеќето европски земји, но и во САД и Јужна Америка.
Свирел во најпознатите концертни сали меѓу кои Операта во Франкфурт, салата на филхармонијата во Санкт Петербург, концертната сала во Сан Франциско, театарот во Каиро, Шопеновиот музеј во Варшава, Палатата на музиката во Барселона, Центарот за современа музика во Анкара, концертната сала во Мексико и многу други.
Настапува со Англискиот камерен оркестар, симфониските оркестри во Галиција и Мадрид, оркестарот Хо Ши Мин, оркестрите на Тенерифе, Анталија, филхармониите во Белград и Барселона итн. Дискографијата на Родес вклучува пет цедеа за различни издавачки куќи меѓу кои и „ЕМИ класикс“. Игнасио Родес е професор на Конзерваториумот во Аликанте и редовно одржува мајсторски курсеви низ целиот свет.
На програмата на вечерашниот концерт закажан за 20.30 часот во „Света Софија“ се дела на Франциско Тарега, Квентин Ескембре, Салвадор Бакарис, Мануел де Фала, Хулиан Баутиста, Едуардо Лопез Чавари и на Турина Хоакин Турина.