Најмалку 27 лица се повредени, од кои двајца потешко вечерва откако автобус со патници излета од коловозт на автопатот Велес-Скопје. Повеќе екипи на Брза помош ги извлекуваа повредените и ги пренесуваа во најблиските болници.
МВР ја корегира претходно дадената информација дека автобусот кој излета на автопатот кај Велес бил со грчки регистарски ознаки. Од МВР посочуваат дека станува збор за македонски автобус и дека сите патници се македонски државјани. Патниците се враќале од летување во Грција. Осумнаесет повредени се пренесени во скопските болници, а девет во болницата во Велес.
Во изјава за МИА директорот на Ургентниот центар во Скопје Илир Хасани потврди дека кај нив се примени десетина од повредените патници од кои еден е во тешка состојба.
- Во Ургентниот центар се примени околу 10-тина повредени од кои еден пациент се наоѓа во шок соба во потешка општа состојба со повреди на екстремитетите и телото. Во моментот другите се во фаза на иследување, рече Хасани.
Директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (Стара Градска болница) Иван Спировски за МИА информира дека кај нив се примени шестмина кои се во фаза на испитување, а по извршените снимања ќе се утврди дали ќе бидат хоспитализирани.
- Засега на Универзитетската клиника за хируршки болести се примени шест пациенти кои што се во фаза на испитување. Еден е потешко повреден со контузија на градниот кош и на стомакот и е во фаза на испитување на компјутер. Уште една пациенка е со скршеница на левата надлактица, изјави Спировски.
Во Болницата во Велес, пак, се примени девет лица, од кои четворица со тешки телесни повреди. Поради сериозноста на повредите тројца се пренесени на Скопските клиники.
Сообраќајката се случила вечерва околу 19 часот на автопатот Велес - Скопје, во близина на зимскиот пункт Кула, кога автобусот изгубил контрола и излетал од коловозот. Во тек е увид од страна на јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес.
Поради сообраќајната несреќа, сообраќајот на автопатот се одвива отежнато по една коловозна лента.
Фото:МИА