Едно лице им подлегна на повредите, а 28 се хоспитализирани поради тешката сообраќајна несреќа која што се случи на патот Велес-Скопје, информираат од Министерство за здравство.

На Универзитетската клиника за хируршки болести „Св Наум Охридски“, се примени шест лица, од кои еден повозрасен маж е на интензивна нега, но е во стабилна состојба. Сите други пациенти се надвор од животна опасност.

„Во Општа болница Велес се примени четири пациенти и сите се надвор од животна опасност. Во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се донесени вкупно 17 пациенти од кои четири на КАРИЛ- еден пациент со абдоминално крварење, еден со сериозна торакална повреда и двајца со повреди на градниот кош. Еден пациент на Клиниката за детска хирургија е внесен итно на операција и на овој пациент најверојатно ќе му биде ампутирана раката. Двајца пациенти се на Клиниката за неврохирургија и се примени на опсервација. Седум пациенти се на Клиниката за ортопедија, а тројца повредени се на опсервација во Ургентниот хируршки центар. Во Градската болница „8 Септември“ примен е само еден пациент со сериозни повреди, но е во стабилна состојба и надвор од животна опасност“, информираа од Министерството за здравство.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2017 00:45