Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави денеска, по повод ситуацијата со Амбасадата на Србија во Македонија, дека „не станува збор за мала работа“ и оти таа имала консултации со претседателот на државата Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Таа, пред новинарите во Владатата на Србија, најави дека наскоро ќе биде лиферувано соопштение од Министерството за надворешни работи, на кое во моментов, како што рече, „заеднички се работи“, пренесува Танјуг.
Сите вработени од Српската амбасада во Скопје синоќа беа повикани на итни консултации во Белград.
Македонското Министерство за надворешни работи се уште нема официјална информација од Белград зошто се повлечени дипломатите и вработените од Амбасадата на Србија во Скопје. Оттаму за МИА истакнаа дека воспоставуваат комуникација со МНР на Србија за утврдување на причините за оваа постапка.
Срспката амбасадорка Душанка Дивјаќ – Томиќ во изјава за српските медиуми потврдила дека целиот персонал од Амбасадата е повлечен во Белград, но рекла дека не може да коментира која е причината.
Од МНР информираат дека согласно релевантните одредби на Виенската конвенција за дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на Амбасадата на Република Србија во Скопје.
Сите дипломати и вработени од Амбасадата на Република Србија во Република Македонија се повлечени на итни консултации во Белград. Македонското МНР било известено од српската Амбасада оти персоналот ќе се повлече на консултации во Белград, но причината за тоа не била кажана.