Вкупно 31,345 килограми марихуана се откриени и запленети при претрес на барака во близина на автокампот „Андон Дуков“ во Охрид, во акција на Одделот за криминалистичка полиција при МВР заедно со СВР Охрид.

Како што информира МВР, акцијата била реализирана вчера во близина на автокампот „Андон Дуков“, по претходно добиена судска наредба. Бил извршен претрес во метална барака во приватна сопственост во близина на кампот, каде се затекнати две лица од Охрид, а откриени се и четири најлонски вреќи со црна боја, во кои што имало 16 најлонски паковки со опојна дрога марихуана во вкупна маса од 31,345 килограми.

Лицата се лишени од слобода, и од извршените проверки е утврдено дека во моментот тие биле на издржување затворска казна во Казнено поправна установа Струга, а претходно осудувани на казни затвор во траење од шест и пол, односно шест години, за кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога. Едното од лицата имал затворски статус на ангажиран работник во затворската економија со можност за секојдневно излегување, додека другото лице се водело како осуденик во бегство.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2017 17:44