Професор д-р Елизабета Шелева е именувана за претседател на Управниот одбор на манифестацијата Струшките вечери на поезијата, а Лидија Димковска и Димитрие Дурацоски за членови, соопшти денеска Министерството за култура.
Одлуката ја донел министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, а членовите и претседателот на Управниот одбор на СВП се именувани од редот на истакнати уметници и културни работници.
Елизабета Шелева родена во Охрид, 1961 година, редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Претседавач е на Здружението на независните писатели на Македонија и уредничка на книжевното списание „Наше писмо“. Членка на македонскиот ПЕН центар. Долгогодишна уредничка на регионалното списание за литература и култура „Сараевске свеске“ („Sarajevske sveske”), кое излегува во Сараево, БиХ.
Била директор, раководител и предавач на повеќе домашни и меѓународни курсеви, семинари, школи и проекти за стручна доедукација и истражување во областа на книжевноста, културните и родовите идентитети. Колумнистка на дневниот лист „Дневник“, во текот на 2000 година и на магазинот „Форум“, во 2008 година.
Уредник е на Антологијата на македонската современа поезија „ Песна меѓу две лета“ за Струшките вечери на поезијата, во 2009 година и антологискиот избор текстови „Македонската поезија во транзиција“, за специјалниот број на „Сараевске свеске“ за 2007 година член од Македонија во меѓународното жири за доделување на наградата „Балканика“ во 2007, 2009 и 2012 година. Претседателка на жирито за доделување на наградата „Роман на годината“ (Утрински весник) за 2012 година. Авторка е на предговорот кон Избор поезија од Вали Монгани Сероте, добитник на Златниот венец на СВП за 2012 година, како и на 8 придружни текстови за ликовните каталози на: Мирослав Масин, Слободан Живковски, Стојан Ѓуриќ, Драган Мијач, Маријета Сидовски и Симонида Филиповска, Емил Шулајковски, Ангел Димовски Чауш.
Преведува од англиски, српски, словенечки јазик – од англиски јазик ги превела теориските книги на Џудит Батлер „Проблеми со родот“ (1998 година, заедно со Р.Алаѓозовски) и Карл Попер „ Непрекината потрага“, како и книгите поезија „Песните на Орфеја“ од Хава Пинхас Коен и „Медено ласо“ од Ронит Бергман. Од словенечки јазик ја превела книгата „Теорија за денешно време“ од Растко Мочник (заедно со Ј.Котеска).
Објавила повеќе од 200 прилози и 9 авторски книги: „Компаративна поетика“ (1996), „Книжевно-теориски студии“ (1997), „Културолошки есеи“(2000), „Од дијалогизам до интертектуалност“(2000), „Заробеници на денот“ (2001, колумни), „Отворено писмо (2003), „Дом/идентитет“ (2005), „Домот на писмото“ (2008), „Хетеротопии на Писмото “ (2014). Добитничка е на наградата „Млад борец“ за дебитантска книга во 1986 г.,како и наградата за долгогодишен придонес во областа на есеистиката, доделена од списанието „Корени“, Куманово, во 2007 година.
Димитрие Дурацоски е редон 1952 година во струга, писател и сликар од Струга, дипломирал на Школата за применети уметности, сликарски отсек, во класата на професор Родољуб Анастасов. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година.
Во текот на изминатите години реализирал повеќе самостојни изложби и соработувал со многу автори од областа на ликовните уметности и од литературата во земјава и надвор од неа. Објавува раскази, куси прози и есеистички текстови во списанијата: Разгледи, Современост, Стремеж, Тренд, Летопис Матице Српске, Поља, Шветлосц, Нови живот (Нови Сад), Живот, Израз, Даље, Сарајевске свеске (Сараево), Лаус (Риека), Књижевна Реч, Књижевне новине, Књижевни магазин (Белград), Наше писмо, Блесок, Стожер, Окно и во повеќе дневни весници и списанија. Бил припадник на литературната група Петти круг. Членувал во редакциите на списанијата Даље, Форма, Далги и Стожер (гласило на Друштвото на писателите на Македонија).
Застапуван е во повеќе домашни и меѓународни збирки и антологии, а неговите литературни и ликовни дела се застапени и се предмет на анализа во повеќе студии и книги за теорија на ликовната уметност и литературата. Ги објавил монографиите Струга, град, вода, луѓе (1995), Струга вчера и денес (2003), Откривање на другиот (2004) и мапата Икони од Струга (2006), Ги објавил книгите раскази: Тајна историја, 1986 година; Црни пророци, 1996 година; романот Инсомниа, 2001 година за кого истата година ја добил наградата за најдобра книга во Македонија – Рациновото признание. 2014 година ја објави книгата Бледи сенки далечни гласови за која 2015 година повторно го добил Рациновото признание. Добитник е на 8-ноемвриската награда на град Струга во 1986 година од областа на културата и уметноста.
Лидија Димковска е родена 1971 во Скопје, завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Живее во Љубљана, Словенија. Преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.
Ги објавила поетските збирки: „Рожби од Исток“ (заедничка со Борис Чавкоски) 1992, награда „Студентски збор“, „Огнот на буквите“ 1994, „Изгризани нокти“ 1998, „Нобел против Нобел“ 2001, второ издание 2002, „Идеална тежина“, избрана поезија, едиција „130 тома македонска книжевност“ 2008, „pH неутрална за животот и смртта“ 2009 и „Црно на бело“ (2016).
Нејзините поетски збирки се препеани на англиски, германски, словенечки, романски и полски јазик, а песните и се застапени во светската периодика на повеќе од дваесетина јазици. За својата поезија ја добила германската награда „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, а била номинирана и за германската награда „Берлински мост“, за американската „Најдобра препеана книга“ и за полската „Европски поет на слободата“. Оваа година ја доби европската награда за поезија „Петру Крду“.
Ги објавила романите: „Скриена камера“ 2004, награда „Стале Попов“ на ДПМ, второ издание 2014; „Резервен живот“ 2012, второ издание 2013, трето издание 2015, награда „Стале Попов“ на ДПМ и Награда за книжевност на Европската унија и „Но-Уи“ (2016). Нејзините романи се објавени на повеќе светски јазици.
Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, на антологијата на современата словенечка поезија и на антологијата на малцинската и имигрантската книжевност во Словенија „Од јазик на јазик“. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на многу книжевни резиденции низ светот. Била член на жирито за наградата Херберт во Полска, а моментално е претседател е на жирито за Меѓународната книжевна награда Виленица во Словенија.