Во заедничка и координирана акција на одделот за криминалистичка полиција пресечен е меѓународен канал за транспорт на наркортична дрога, при што се пронајдени и запленети околу 2,5 килограми марихуана.
Во акцијата, спроведена вчера околу 10:45 часот по претходно добиени оперативни информации дека ќе се врши меѓународен транспорт на марихуана од Република Македонија за Република Турција, учествувале Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при СВР Скопје и царинските инспектори од Одделението за оперативни работи од Царинската Управа.
Како што соопшти МВР на улица „Панче Неделковски“ во Скопје, било запрено патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од лицето С.И. од Скопје. Возилото и лицето биле спроведени во просториите на Царинска испостава Скопје 4 , каде што од страна на царинските инспектори бил извршен детален претрес на возилото и во резервоарот на возилото бил пронајден специјално изработен бункер за криење и пренесување на недозволена стока. Во бункерот биле пронајдени една црна најлонска кеса со непозната зелена тревкаста материја и една бела најлонска кеса обвиткана со леплива трака со непозната зелена тревкаста материја. По извршената проверка, било констатирано дека се работи за наркотична дрога марихуана со тежина од околу 2,5 килограми.
Дрогата С.И. во текот на август годинава ја набавил од непознато лице од Република Албанија, ја сокрил во бункерот во резервоарот за гориво и со истото возило ја транспортирал во Македонија.
СВР Скопје против С.И. ќе поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. Лицето С.И. во 2012 година, на граничниот премин „Богородица“, бил фатен при обид да транспортира околу пет килограми наркотична дрога хероин. За тоа дело бил осуден на казна затвор во траење од пет години и од затвор излегол во февруари 2017 година.