Три новороденчиња починаа на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Според информациите од Клиниката, пациентка И.М била хоспитализирана на 21 август на Клиниката за гинекологија и акушерство заради болки во абдоменот, која истиот ден е породена со царски рез во 27. недела со тројка, по претходно прснат воденик и пролабирана (испадната) папочна врвца и со цел да не биде прекинат доводот на кислород, веднаш е извршено породување, соопшти Министерството за здравство.

Новороденчињата, како што се наведува, се прифатени од педијатар и акушерка во операциска сала, а спроведена е и примарна реанимација со аспирација, вентилација со маска и амбу и термостабилизација и во инкубатор сите три биле транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија.

Се посочува дека со семејството во неколку наврати од страна на персоналот на Клиниката било разговарано со цел да се објасни состојбата на новороденчињата, третманот и можните шанси за преживување и веќе следниот ден е констатирана смрт на сите три.

Министерството за здравство веднаш по добивање на информациите формираше комисија за стручен надзор која детално ќе го испита случајот, со цел да утврди дали во целокупниот третман на родилката и новороденчињата е постапено согласно протоколите и медицината базирана на докази. Истовремено комисија е формирана и од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, стои во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2017 13:08