Добиените резултати од лабораториските испитувања на земените мостри храна од сендвичарницата 7- ца во скопските општини Карпош и Кисела Вода, не потврдија присуство на патогени бактерии, односно мострите одговараат на микробиолошките критериуми за безбедност на храната и не се причина за труењето, поради кое неодамна беа хоспитализирани 43 лица. Негативни се и наодите од земените брисеви од работните површини во сендвичарниците. Бактерија Salmonella enteritidis group D, со лабораториско испитување на копрокултура е детектирана кај 6 лица. Во изминативе три месеци, во рамки на редовните контроли и постапувајќи по претставки од граѓани, овој оператор со храна е неколку пати контролиран од страна на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, при што не се утврдени недоследности, а хигиената во двата објекта ( Карпош и Кисела Вода) била на задоволително ниво. Во двата објекта спроведени се наложените мерки од страна на инспекциските служби на Агенцијата и на Санитарно здравствениот инспекторат и тие по временото затворање повторно работат.