Кривичниот суд во Скопје го прогласил за виновен Е.А. поради навреда на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган на „Фејсбук“, јавува турската новинска агенција „Анадолу“.
Судот го осудил Е.А., кој има македонско и турско државјанство, на парична казна од 24.600 денари (400 евра), во процесот што беше отворен по кривична пријава од амбасадорката на Турција во земјава, Тулин Еркал Кара, кон крајот на минатата година.
Во одлуката на судот било наведено дека обвинетиот во номеври 2016 година, преку својот фејсбук-профил „објавил иронични изјави и упатил навреди кон лидерот на една странска земја“.
Доколу не ја плати паричната казна, Е.А. ќе мора да одлежи затворска казна.
Инаку, според членот 181 од Кривичниот законик на Македонија, предвидена е парична казна за „тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзино знаме, грб или химна или шеф на држава или дипломатски претставник“.
Законот за навреда на странски државници потекнува од времето на монархиите во Европа и е поврзан со францускиот термин „lèse-majesté“, односно „повредено височество“. Неговата оригинална употреба била за заштита на монарсите и за санкционирање на сите кои ќе го повредат нивното достоинство или кралството со кое владеат.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР во февруари, оваа година поднесе кривична пријава против 34-годишниот скопјанец Т.Т., бидејќи преку коментари на „Фејсбук“ индиректно им се заканувал на амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, и на неговото семејство.
Скопјанецот беше осомничен за кривичното дело повреда на углед на странска држава.