Федералниот суд во Бруклин во петокот го прогласи македонскиот државјанин Џеваир Аметовски за виновен за измама и продавање лични податоци од украдени кредитни картички преку веб-сајт наречен „кодшоп“, соопшти американското обвинителство.

Триесетгодишниот Аметовски се соочува со 17-години затвор, а неговите адвокати, како што наведуваат американските медиуми, засега не ја коментираат пресудата.

Аметовски, кој на интернет бил познат по алијасите „кодшоп“, „синдром“ и „синдромикс“ бил уапсен во 2014 година во Словенија, а минатата година бил екстрадиран во Њујорк.

Обвиненијата против Аметовски, како што велат американските власти, произлегуваат од седумгодишната истрага, спроведен во рамките на борбата против онлајн-пазарот со украдени финансиски податоци.

Обвинителството тврди дека Аметовски, во периодот од 2010 до 2014 година имал таканаречена онлајн продавница каде продавал украдени податоци од повеќе од 181,000 кредитни и дебитни картички. Тој од илјадниците жртви украл милиони долари.

Аметовски ги добил податоците од хакери, кои пак информациите ги украле од финансиски и други институции.

Лицата кои купувале податоци од Аметовски, ги користеле за онлајн купување, но и за изработување кредитни картички со кои потоа повлекувале пари од банкомати. Сајтот на Аметовски, како што наведува американското обвинителство, им овозможувал на купувачите да ги пребаруваат украдените податоци според идентификациски број на банката, на финансиската институција, според државата, како и типот на картичка.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/08/2017 03:13