Најмалку две лица загина, а 14 се повредени во ударот на ураганот „Харви“ во Тексас. Едно лице загинало во пожар во округот Арансас, додека другото настрадало во поплавите во близина на Хјустон.
Се стравува дека бројот на жртвите ќе се зголеми во подрачјето меѓу градовите Корпус Крајсти и Хјустон. Властите немаат информации за штетите бидејќи лошите временски услови ги спречуваат службите за итна помош да стигнат до погодените места.
Исто така се стравува дека невремето може да трае со денови и да предизвика поплави и во самиот Хјустон.
Меѓу најпогодените крајбрежни градови е Рокпорт, кој се најде на патот на ураганот. Градоначалникот на Рокпорт соопшти дека тешко се оштетени куќи, компании и школи, а некои згради се потполно уништени.
Ветерот корнел метални огради и врати, а градоначалникот наведува дека работата на спасувачките екипи е отежната бидејќи комуникацијата е речиси невозможна.
Стотина илјади лица останале без струја, а гувернерот на Тексас, Граг Абот вели дека ќе бидат потребни денови за системот повторно да се оспособи. Во Хјустон е прогласена опасност од полава, а луѓето се повикуваат да не ги напуштаат своите домови.
Во меѓувреме ураганот „Харви“ изгубил на сила, па метеоролозите веќе го водат како тропска бура.