Роберто Манчини, тренерот на Зенит, блиску е да донесе одлука да ја напушти клупата на клубот од Санкт Петербург, пренесоа вчера италијанските медиуми.
Како што пренесе весникот „Кориере дело спорт“, соработката меѓу Манчини и Зенит е во криза и италијанскиот тренер ја разгледува опцијата да го напушти рускиот клуб, а причината е Ајмен Абденур.
Одбранбениот фудбалер од Тунис беше голема желба на Манчини, но тој од Валенсија направи трансфер во Олимпик Марсеј.
Манчини сакал Абденур на местото стопер да го стави во пар со Емануел Мамана, кого го доведе од Аргентина.
Според пишувањата на италијанскиот весник, соработката меѓу Манчини и Зенит би можела да биде прекината само по два месеца откако тој стана тренер, и покрај добрите резултати во руското првенство.
Зенит нема пораз по осум одиграни кола во руското првенство и води на табелата на Премиер лигата со 20 бода, со еден повеќе од Локомотива, а со пет од Ростов и Краснодар.
Клубот од Санкт Петербург, оствари пласман во Лигата на Европа, каде што ќе игра во групата со Вардар, Реал Сосиедад и Розенборг.