Марк Цукенберг даде ветување дека ќе направи сè ширењето лажни вести преку неговата социјална мрежа да се сведе на најмала можна мера. Па така, „Фејсбук“ во соработка со своите партнери навистина направи многу- вработи дивизија луѓе кои ги следат сите објави и ги маркираат лажните вести, ги подобри алгоритмите, оствари соработка со многу партнери што имаат врвни алатки за детекција.

Сега, според онаа народната која вели – најмногу боли кога ќе те удрат по џебот, „Фејсбук“ воведува нова казна за оние страници што шират лажни вести- забранувајќи им ја можноста за огласување. Можеби ваквата казна на прв поглед е бенигна, но всушност многу страници живеат добро врз база на огласувањето преку „Фејсбук“, кој има дофат до близу две милијарди луѓе.

Огласувањето на „Фејсбук“ не е прескапо и исклучително е исплатливо, па затоа сега сите ќе мора добро да размислат пред да пуштат во „етер“ лажна вест.

Детекцијата на лажни вести ќе ја извршува „Фејсбук“ заедно со своите партнери, а оние што ќе го нарушат ова правило ќе имаат можност за поправен испит, затоа што откако ќе се корегираат, ќе можат да се вратат во програмата за огласување. Повеќе за ова можете да прочитате на официјалниот блог на „Фејсбук“.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2017 06:43