Новата натпреварувачка ракометна сезона за Вардар официјално почнува викендов со првиот меч од СЕХА Газпром лигата каде гостуваме кај Металург во СЦ „Борис Трајковски". Дуелот е закажан за в сабота во 17,45 часот.
Вардарци имаат неколку денови по враќањето од Катар да се подготват за она што ги очекува во следните осум месеци во регионалното натпреварување, СЕХА Газпром лигата. „Црвено-црните" го освоија третото место на Супер Глоуб во Катар, исто како и третото место на турнирот во Гумерзбах во Германија.
Во новата сезона Вардар влегува како победник на СЕХА Газпром лигата и на ЕХФ лигата на шампионите.
„Нема да биде лесно. Новата сезона ќе биде и потешка за нас, бидејќи кога победуваш, потешко е повторно да бидеш победник. Ние сме прваци, и сакаме и мораме добро да се подготвиме. Но, сезоната е долга, и треба полека да се фокусираме на се она што доаѓа во следниот период. Првиот официјален меч секогаш е тежок, особено бидејќи го имаме Металург за ривал. Тие секогаш играле добро против нас и сигурен сум дека повторно ќе биде така, вели Раул Гонзалез, тренерот на Вардар.
„Црвено-црните" во новата сезона има само четворица нови играчи, од што еден интернационалец Даинис Криштопанс, и тројца домашни ракометари: Даниел Ѓорѓески, Тоше Ончев и Мартин Поповски. Промени во составот има и кај нашиот ривал, кој донесе повеќе нови ракометари.
„Не знам многу за новиот тим на Металург. Досега се играа пријателски натпревари и не можеш сѐ да знаеш и да споредиш. На тие мечеви нема притисок, тие служат само за воигрување.
Составот на Вардар ќе биде познат по одработување на последните тренинзи. Некои играчи се жалат на повреди.
„Имаме 3-4 повредени играчи, не знам дали ќе играат. Ќе видиме после попладневниот тренинг.
Сезонава СЕХА лигата има еден дебитант, тимот на Динамо од Панчево. Го нема Веспрем, па и квалитетот на лигата е малку опаднат. Останува лигата да се игра со десет тимови, и после регуларниот дел првите четири екипи ќе разигруваат на Ф4 турнирот.
„Веспрем е голем противник и силен тим, и сигурно ќе недостасува за да биде лигата многу силна. Сега сите зборуваат дека сме фаворити, но треба да го покажеме тоа на терен. Треба да заборавиме на тоа. Ние бевме шампиони, сите ќе сакаат да играат добро против Вардар, и затоа треба да се концентрираме уште подобро на новите натпревари, вели Гонзалез.