Талентираниот напаѓач на Монако направи трансфер во ПСЖ, кој на последниот ден од преодниот рок на Монако му загарантира 145 милиони евра без бонусите.
Парижаните со тоа во еден преоден рок ги комплетираа двата најскапи трансфери во историјата на фудбалот, претходно купувајќи го Нејмар од Барселона за 222 милиони евра.
Мбапе целата пролет и поголемиот дел од летото беше поврзуван со Реал Мадрид, кому му се воодушевувал уште откако бил дете, но не дојде до трансфер во кралскиот клуб.
Напаѓачот кој, покрај Радамел Фалкао, беше клучен играч кој на Монако му ја врати титулата, на 18-годишна возраст добива плата од 15 милиони евра, а Монако од бонусите ќе инкасира уште 35 милиони евра, со што целата работа вреди вкупно 180 милиони европски банкноти!
Мбапе е роден во Париз, со „светците“ потпиша договор до 2022 година, а во наредната сезона заедно со Нејмар и Кавани ќе го сочинуваат ударното трио на пеколниот напад на ПСЖ во борбата за освојување на Лигата на шампионите.
За 400 милиони евра, колку што ќе потроши ПСЖ за двајцата напаѓачи, може да се направи цел тим од сериозни играчи, но летниот преоден рок покажа дека цените на играчите пораснале до небото, кога ќе се споредат со оние од пред десетина, петнаесет години.