Гевгеличанецот Д.И. (1975) го приведе синоќа полицијата откако бил пријавен дека физички ги нападнал и потоа ги заклучил во подрумска просторија своите две малолетни деца.
– Ноќеска во 01,20 часот во Гевгелија на ул.„Сава Михајлов“ по претходна пријава од граѓанин, од страна на униформирани полициски службеници приведен е Д.И. (1975) со стан на истата адреса, бидејќи физички ги нападнал своите две малолетни деца, нанесувајќи им видливи телесни повреди. Д.И. со стап ги нападнал најпрвин во станот, а потоа и во подрумските простории, каде ги заклучил со катанец, соопштуваат од МВР.
Од страна на униформирани полициски службеници извршено е алкотестирање над Д.И., при што е констатирано присуство на алкохол од 1,77 промили и истиот е задржан во Полициската станица во Гевгелија, а децата се згрижени од страна на социјални работници од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Гевгелија.
Полициската станица Гевгелија презема мерки за целосно расчистување на случајот.