Ракометарите на Вардар го совладаа градскиот ривал Металург на стартот на новата сезона во регионалната СЕХА лига.

На средбата одиграна попладнево во СЦ „Борис Трајковски“ актуелниот европски првак и бранител на шампионскиот трофеј во СЕХА конкуренцијата, Вардар го победи Металург со 32-23 полувреме 16-11.

Металург беше рамноправен само во воведните 7. минути по кои резултатот беше израмнет 3-3. Потоа следуваше серија до 5-0 на вардарци за водство од 8-3 во 14.минута, предност која ја сочуваа и до крајот на полувремето кое заврши со резултат 16-11 за Вардар

Во вториот дел црвено-црните рутинирано ја одржуваа предноста и на крајот забележаа победа со конечни 32-23 .

Најефикасен во победничката екипа беше Тимур Дибиров со 5 гола, додека Македа и Борозан постигна еден помалку, а кај Металург најефикасен беше Жарко Пешевски кој средбата ја заврши со 5 постигнати гола.

На претходно одиграните натпревари од ова воведно коло, беа постигнати овие резултати: Татран Прешов – Мешков Брест 24-23, Војводина – Динамо Панчево 24-29, Горење Велење – Целје Пивоварна Лашко 22-25 и ППД Загреб – Нексе 29-19.

Во следното коло, веќе во вторник (5 септември), Вардар ќе биде домаќин на Горење Велење, додека Металург ден подоцна (среда, 6 септември) гостува во Панчево кај Динамо.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2017 20:49