Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски по победата над Израел во квалификациите за СП 2018 година, не го криеше задоволството од остварената победа, потенцирајќи дека треба да бидеме горди на играчите кои го остварија тоа.
– Оваа победа доаѓа во многу важен момент. Големо задоволство ми е што со три бода се враќаме во Скопје. Конечно фудбалерите добија награда за прикажаното. Не треба да се залетуваме, ова е само почеток на оваа генерација. Доминиравме, создадовме повеќе шанси од противникот и целосно заслуживме триумф. Ова е млада селекција, не може да нема грешки, но верувам во оваа селекција. Kапитенот Пандев денеска ја поведе репрезентација и покажа дека е лидер на националниот тим. 10 години не сме победиле тим кој е меѓу 50 на ФИФА листата и треба да бидеме задоволни, изјави на прес-конференцијата по мечот во Хаифа, селекторот Ангеловски.
Денеска македонската репрезентација се враќа во Скопје, од каде веднаш ќе замине за Струмица каде ќе се подготвува за натпреварот против Албанија закажан за во вторник.