Членовите на Комисијата за култура на Собранието на денешната седница ја почнаа расправата за Предлог-законот за престанување на Законот за националниот уметник, но расправата беше прекината поради почетокот на пленарната собраниска седница.

На седницата свое експозе имаше министерот за култура Роберт Алаѓозвски, кој потсети дека Законот за националниот уметник е донесен во 2011 година, со цел на уметниците да им се даде особен продонес во создавањето на уметноста и да се афирмира придонесот, што го дале за препознавање и признавање на културниот идентитет на Република Македонија во земјата и во сранство.

Титулата национален уметник се доделува на уметник, кој исполнува одредени критериуми припишани со Законот. Во текот на годината може да се додели една титула врз основа на предлог на министерот за култура и претходно мислење на комисија, а титулата ја доделува претседателот на државата на 8 Септември.

Алаѓозовски истакна дека согласно Законот, Министерството со средства од буџетот на носителот му доделува месечен паричен надомест во износ од две просечни месечни плати, исплатени во претходната година. Уметникот ова право го стекнува од денот на добивањето на титулата па се до крајот на животот.

Од донесувањето на Законот до денес со оваа титула се стекнале шестмина уметници, Симон Трпчески, Есма Реџепова, Борис Трајанов, Ана Дурловска и Никола Маџиров.

– Во моментов за 2017 година за надоместоците за петте живи уметници потребни се четири милиони денари од буџетот на РМ или во 2018 година за секој месечно по 66 илјади и триста денари. Во стручна дебата на Министерството во која беа вклучени надворешни соработници и истакнати уметници се оцени дека со Законот се прави нерамноправен третман меѓу уметниците. Законот создаваше и нерамноправен третман меѓу националните уметници и другите вработени во културата, додаде Алаѓозовски.

Министерството предлага Законот да престане да важи, а на националните уметници, кои веќе се стекнале со ова право, истото да им биде продолжено.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ и поранешна министерка за култура Елизабета Канческа Милевска реагираше дека со предлогот за укинување на Законот се прави голема неправда за една највисока титула во земјата.

Таа нагласи дека во јавноста немало дебата за овој предлог, како што имало пред донесувањето на Законот, во која, како што напомена, била вклучени експерти и претставници на уметниците од сите сфери.

– Не може министерот и Министерството самоволно да укинуваат закон. Кога се носеше Законот имаше јавна дебата со учество на врвни уметници, нагласи таа и напомена дека оваа мерка на Владата наликува на нејзиниот пристап да се укине се што е донесено од претходната власт.

Таа смета дека Законот е јасен и прецизен и дека во него таксативно се наведени критериумите кои се потребни за еден уметник да ја добие оваа титула, поради што е исклучена можноста за какви било политички влијанија.

Никица Корубин од ЛДП и реплицираше на Канческа Милевска, нагласувајќи дека во Законот гледа апсурдност, во однос на тоа дали тие две просечни плати националниот уметник ги добива за веќе реализирана кариера или како стимул.

Таа додаде дека мерката за додлување на две плати наликува на стимул, а не на бенефит и додаде дека бенефитот доаѓа од концептот на пензија.

Според независниот пратеник Ферди Мухиќ, оваа титула претставува политички архаизам, политичка реликвија, карактеристична за тоталитарните власти.

– Во ниту една демократска држава не постои оваа категорија нациоанален уметник. Мешањето на политиката, власта, моќта, државата е мешање на вода и масло, додаде Мухиќ.

Тој истакна дека овој Предлог е обид за усогласување на „нашата политичка реалност со реалноста на современиот, либерален, демократски свет“. Додаде дека државата треба да се гордее со своите уметници, но тие не треба да добиваат национални статуси и да бидат политички инаугурирани.

Претседателката на Комисијата Ирена Стефоска, најави дека дополнително ќе го презакаже продолжението на седницата, на која треба да бидат разгледани и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за употреба на македонскиот јазик и активностите за подготовката на Предлог-програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија во 2018 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2017 12:18