Фудбалерите на Барселона го победија Јувентус на „Камп ноу“ со резултат 3-0 на стартот на новата сезона на Лигата на шампионите.

Барселона оствари победа во групата Д, во која Олимпијакос изгуби од Спортинг со 3-2.

„Старата дама“ се држеше сè до крајот на првото полувреме, кога во судиското продолжение Лионел Меси, по асистенцијата на Луис Суарес, постигна погодок и со тоа прв пат во кариерата го совлада Џанлуиџи Буфон.

Во второто полувреме, Барселона продолжи агресивно и Иван Ракитиќ во 56-тата минута ја затресе мрежата на противникот.

Меси во 69-тата минута повторно се запиша во листата на стрелците и со погодокот го постави конечниот резултат 3-0.

Олимпијакос може да биде задоволен со резултатот бидејќи до 89-тата минута губеше со 3-0, но Фелипе Пардо за четири минути постигна два гола и го ублажи поразот.

Во групата Ц, Челзи беше убедлив против дебитантот Карабаг со 6-0. Другиот натпревар од оваа група меѓу Рома и Атлетико Мадрид во Рим беше завршен без голови, и тоа беше единствен нерешен резултат.

Манчестер јунајтед рутински го совлада Базел со 3-0 во натпреварот од групата А. Во другиот натпревар се сретнаа Бенфика и ЦСКА од Москва, а гостите по пресвртот славеа со 2-1.

Во групата Б, ПСЖ како гостин го декласираше Селтик со 5-0. Победа во оваа група забележа и Баерн, кој во Минхен со 3-0 го победи Андерлехт.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2017 10:35