Актерката Тања Бошковиќ ја доби единствената награда за врвни актерски достигнувања на Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“ за улогата на Марија Клаиќ во претставата „Солзите се ОК“ од Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ во продукција на Театарот „Ѕвездара“ од Белград.

Жирикомисијата во состав Зијах Соколовиќ, Маја Драманска, Благоја Стефановски, Тодор Кузманов и Гоце Ристовски одлучија Бошковиќ да го добие златениот медалјон со ликот на доајенот на македонското глумиште Ристо Шишков и парична награда од 1.500 евра.

– Многу ми значи наградата, многу сум возбудена и почестена. Знам дека не ја заслужив, но ќе се трудам до крајот на животот да го чувам споменот на големиот актер, на човекот кој се бореше за достоинство на глумата и тоа е голема обврска. Ние може зборуваме на слични јазици, но постои дух кој секаде е ист, и на Гренланд и на Аљаска, секаде актерите се актери, рече Бошковиќ.

На завршната церемонија на затворањето на фестивалот, беа доделени и наградите на Меѓународната театарска асоцијација НЕТА.

Награда за најдобра претстава доби претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш…“ во продукција на Артопија од Скопје

Награда за режија доби Мартин Кочовски за претставата „Коските што доаѓаат доцна“ во продукција на Националниот театар од Приштина, наградата за најдобар текст му припадна на авторот Теки Дервиши, а оваа претстава ја доби и наградата за костимографија за Нојман Војкова.

Претставата на струмичкиот театар „Џон Габриел Боркман“ ја доби наградата за сценографија на Милена Пантелеева, а актерот Кољо Черкезов за улогата на Боркман ја доби наградата за машка улога.

Награда за специфичен поетско-документарен израз доби претставата „Добрите луѓе во време на зло“ во продукција на театарот „Гариво“ Во Сараево.

Асоцијацијата НЕТА додели и награди за машка улога на актерите Иван Видосављевиќ од театарот од Крагуевац и неговиот колега Здравко Малетиќ, а награди за женска улога добија Камелија Лишковска за улогата на НОРА во истоимената претстава од театарот во Враца и Исидора Рајковиќ за улогата Оливера во претставата на театарот од Крагуевац.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2017 12:21