По неколкумесечна пауза во СЦ „Јане Сандански" повторно ќе се игра натпревар од ЕХФ лигата на шампионите, прв пред домашна публика сезонава. Гостин е Нант, францускиот вицепрвак во сабота во 17,30 часот.

Вардар во лигата на шампионите веќе има шест победи по ред, што е најдобар клупски рекорд досега, со шанса таа низа да се продолжи. „Црвено-црните" досега никогаш не играле против Нант во лигата на шампионите. Во првото коло Нант победи на домашен терен против ПИК Сегед со 30-26.

Сезонава францускиот тим влегува со големи амбиции, особено во домашното првенство. Таму го освоија и првиот трофеј, Супер купот на Франција победувајќи го ПСЖ. За Нант настапува и Кирил Лазаров, македонскиот репрезентативец, а тренерот на Вардар, Раул Гонзалез најави дека секако ќе се подготвува за Лазаров, но и за целиот тим, бидејќи гостите доаѓаат со состав во кој има многу добри индивидуалци, но исто така се силни и како тим.

Во нашата екипа неизвесно е дали ќе брани Страхиња Милиќ кој сѐ уште има болки во грбот. Тој ќе се обиде да тренира деновиве, па доколку ги издржи напорите можно е да биде во составот. Криштопанс се жалеше на болки во коленото, но тренира без проблеми.

Раул Гонзалес - тренер на Вардар:

Задоволни сме како игравме со Висла и победивме. Многу е тешко да се игра во Полска. Сега треба да играме против Нант. Тие играат добар ракомет, го победија ПСЖ, а играа добро и против ПИК Сегед. Голманот на Нант одбрани 22 топки против ПИК Сегед. Нашите играчи се чувствуваат добро, и веќе тренираме за овој меч. Ќе биде брз натпревар бидејќи тие играат на контри, а и ние така сакаме да играме. Очекувам дека навивачите ќе дојдат и ќе навиваат за нас.

Стојанче Стоилов - капитен на Вардар:

Досега сезоната се одвива како што посакуваме. Победивме на сите натпревари. Нѐ чека меч со Нант - тежок меч, незгоден противник. Одиме на победа. Мал апел до нашите навивачи. Да дојдат бидејќи заслужуваме полни трибини и ние .



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2017 14:44