Драмски театар-Скопје в сабота (23 септември) премиерно ќе ја изведе претставата „Папагалот Историко“ во режија на Љубиша Георгиевски според неговиот роман „Монументи на глупоста“. Автор на драматизацијата е Сашко Насев.
Претставата рефлектира вечна тема – поединецот и општеството и е најавена како политички ангажиран и емотивен театар, преполн со иронии и идеи за тоа како било, како е и како подобро може да стане.
Сашко Насев на прес-конференцијата рече дека речиси три години ја работат драматизацијата на романот. Претставата ја најави како жесток, суров театар, базиран на основното естетичко изразно средство во театарот – актерот, затоа што, како што рече, театар ако нема актери, нема ни претстава.
– Романот „Монументи на глупоста“ нема класична инфраструктура, туку е повеќе филозофски трактат кој е многу тешко да се драматизира и затоа оставивме да функционираат ликовите и елементите на заплетот. Се работи за една гола театарска форма, без елементи на зачудност од типот на големи сценографии, стравични музики итн. Напротив, се работи за една чиста, суперангажирана претстава во која актерите се на сцена многу блиску до публиката, дури и во интеракција со неа. Тоа е еден многу тежок театар, истакна Насев.
За ДТС нагласи дека го чувствува како свој матичен театар кој за него е најдобар. Смета дека македонскиот театар не заостанува во тековите на драмата како медиум што се случува во светот. Благодарен е и затоа што запознал сосема нова актерска екипа во која се најголем дел млади актери, како и од соработката со режисерот Љубиша Георгиевски.
– Овие млади актери се сигурна иднина на ДТС и на македонскиот театар воопшто. Ако не можеме да извезуваме суперсонични авиони во светот, имаме да извезуваме суперсонични артисти во светот. Ме радува што професорот Георгиевски со габаритот на своите 170 претстави се навраќа на најубавите негови моменти, како на пример што беше премиерата на „Хај-Фај“ кога бев средношколец и кога успеа да направи комплот на разни естетики и поетики, истакна Насев.
Режисерот Љубиша Георгиевски не зборуваше за претставата. – Една претстава или говори самата за себе или не говори самата за себе, така што ќе се воздржам од описи и прераскажувања, рече Георгиевски, но ја коментираше незастапеноста на театарот и воопшто културата во медиумите.
– Има изразита незаинтересираност кај медиумите за театарот, но театарот преживеал поголеми незаинтересираности, преживеал поголеми катаклизми и поголеми забрани, рече Георгиевски и парафразирајќи дијалог од Шекспировиот „Хамлет“ додаде: „постапката кон актерите во едно општество е одраз на достоинството на тоа општество“.
– Ако игра мечка во Скопје, сите ќе дотрчаат, нарочито ако се организира фестивал „мечкијада“, рече Георгиевски.
Главната улога во претставата ја игра Владо Јовановски. Во актерската екипа се и: Благица Димитровска, Калина Наумовска (во насловниот лик: Папагалот Историко), Дамјан Цветановски, Ѓорѓи Тодоровски и студентите од ФДУ во класата на проф. Мими Таневска: Томислав Давидовски, Исмет Шабановски и Кристијан Танчевски. Сценограф и костимограф на претставата е Мери Јовановска.
В.д. директорот на Драмски театар-Скопје Сашо Тасевски на прес-конференцијата ги соопшти и претставите што ги планираат до крајот на 2017. Во фаза на подготовка е „Вера, Надеж, Љубов“ во режија на Лука чија премиера е планирана за 10 ноември. На местото на проектот „Љубовта на Федра“ на хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ, кој се откажал од работата во Драмски, ќе се подготвува „Лет над кукавичкото гнездо“ во режија на Ристе Алексовски која е во план да биде на сцената до 10 декември, а последна во 2017-та ќе биде претстава од младиот режисер Иван Манасков.