Во Центарот за култура Битола в недела ќе биде македонската претпремиера на серијата „Сенки над Балканот“ – по концепт и во режија на Драган Бјелогрлиќ.

Се работи за меѓународна копродукција помеѓу Кобра филм од Србија, Скопје филм студио од Македонија и Искра од Русија. Како копродуценти се вклучија и Српската радиотелевизија, Радиотелевизија на Република Српска и Македонската радиотелевизија, а финансиски проектот е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

В недела, 24 септември, од 19.30 часот во Центарот за култура во Битола ќе бидат претставени авторот на серијата Драган Бјелогрлиќ, актерите Марија Бергам, Андрија Кузамовиќ, Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула, кинематограферот Иван Костиќ, продуцентите Горан Бјелогрлиќ и Томи Салковски и режисерот на осмата епизода Игор Иванов.

– „Сенки над Балканот“ беше промовирана на Сараевскиот филмски фестивал и на Филмските средби во Ниш, каде предизвика позитивни реакции и одушевување кај публиката. Очекуваме дека серијалот ќе биде проследен со голем интерес. Телевизиското прикажување на серијата е закажано за крајот на октомври оваа година, соопшти Скопје филм студио – копродукциски партнер од Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2017 18:04