Македонскиот блуз-бенд „In the Mood“ познат по клупски настапи вечер во „Станица 26“ од 21 часот ќе го отвори Блуз и соул фестивалот кој по 21-ви пат го организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.

„In The Mood“ е блуз дуо формирано во 2009 во Скопје од Сашо Ѓорѓевски и Никола Џими Петровски. Во изминатите осум години имаат над 1500 настапи и освен како дуо соработуваат и со голем број музичари од Македонија. Специјално за овој настан ќе бидат во проширен биг-бенд состав со девет членови.

По македонските музичари вечер ќе настапи и шведскиот блуз-состав „Трикбег“ (Trickbag) кој постои 20 години и на албумите има голем број гости.

- „Трикбег“ е врвен шведски блуз-состав и конкурент за најдобар европски блуз-состав. Број еден се за поддршка на повеќе американски блуз ѕвезди кога и да ја посетат Европа. Блуз и соул фестивал 2017 нуди уникатна и премиерна можност да се запознаеме со светските експоненти на чикашкиот стил, соопшти организаторот на фестивалот.

Блуз и соул фестивалот годинава нуди европски блуз, а програмата ја состави селекторот Иво Солдатовиќ. На двете наредни фестивалски вечери (сабота и недела) ќе гостуваат бендови од Грција и Унгарија. Утревечер ќе настапи грчкиот „Трипл фрет бенд“ (Triple Fret Band). Грчката вечер ќе биде во три дела со пет музичари. Бендот е присутен на сцената речиси 30 години.

Фестивалот в недела (24 септември) ќе заврши со унгарскиот блуз-мајстор на усна хармоника и пејач на блуз Матјаш Прибојски и неговиот четиричлен бенд (Matyas Pribojszki Band). Еден од неговите 11 снимени албуми има награда „Златен албум“. Матјаш е официјално заштитно лице-артист на хармониките „Хохнер“. Во својата кариера има настапувано во повеќе од триесет држави на три континенти.

Влезниците за Блуз и соул фестивал се по цена од 300 денари за првата вечер и 200 денари за втората и третата вечер и може да се купат во Југотон Рекордс и на благајната на „Станица 26“.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2017 14:47