Тренерот на Металург Лино Червар не го криеше незадоволството од денешниот пораз од Бешикташ во рамките од 2.коло на Лигата на шампиони.

Хрватскиот стратег смета дека клуч на поразот е лошиот ден на голманите на Металург, за разлика од нивниот колега на спротивната страна, но и покрај тоа, тимот од Автокоманда беше конкурентен се до завршните петнаесетина минути.

– Нашиот голман во првиот дел не одбрани шут, додека кај нив голманот беше најдобар. Многу енергија потрошевме да останеме во игра и дојдовме до 14-14. Во вториот дел ни недостасуваше искуство. Во пресудните моменти одлучи деконцентрацијата и искуството. За првото полувреме можам да им дадам честитки, но во вториот дел испукавме во желбата, примавме лесни голови и многу се мачевме. Кога се кршеше резултатот, не знаевме да ги искористиме нашите шанси. Но, тоа е тоа, без девет играчи од лани, со нов тим, може да играме и подобро, изјави Червар по натпреварот.

И во следното 3.коло Металург ќе играна домашен терен и тоа на 30 септември кога во Скопје ќе гостува португалскиот Спортинг Лисабон.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2017 20:26