Смарт телефонот наречен „Тајга” блокира апликации што ги следат активностите на корисникот, посебно оние кои се однесуваат на деловната комуникација, докуманти, фотографии, а исто така спречува и апликации кои собират општи информации за користењето на направата.
Тоа значи дека апликациите познати по прибирање податоци, каква што е Џимаил, кој скенира текстови од електронската пошта, и натаму можат да се користат на телефонот, со тоа што ќе бидат оневозможени да собираат и испраќаат податоци за користењето на телефонот и на останатите апликации.
Иако „Тајга” го користи Андроид оперативниот систем, тој е малку изменет во однос на стандардната верзија, за да биде во согласност со софтверот на уредот. Првите 50.000 телефони се веќе доставени на вработените во компанииите, чиј косопственик е државата. Телефонот се уште не е пуштен во слободна продажба.
Ова е последен пример за растечкиот „технолошки судир“, што некои го нарекуваат и „технолошката студена војна“ меѓу САД и Русија.
Минатиот ноември, Кремљ го поддржа планот – целиот софтвер на американски Мајкрософт во руските државни служби, да се замени со руски еквиваленти.