Помошник тренерот на Металург, Александар Јовиќ на денешната прес-конференција ги искажа своите очекување од утрешниот дуел со ППД Загреб во петтото коло од СЕХА лигата.

Јовиќ очекува потежок меч од саботниот со Спортинг во Лигата на шампионите.

– Мораме да ја повториме играта од натпреварот со Спортинг, да се бориме максимално како и на претходниот натпревар, да внимаваме во нападот, бидејќи не смееме да грешиме и да промашуваме толку зицери. Ќе играме со истиот состав како и против Спортинг. Оваа сезона наша примарна цел во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите е да создаваме играчи за иднината на Металург и на македонската репрезентација. Знаете дека 90 отсто од овој тим играше во младинската репрезентација на СП во Алжир. Младите мораат да знаат како да играат на вакви тешки натпревари и да го зајакнуваат својот карактер, изјави Јовиќ.

Голманот Дарко Арсиќ ги повика навивачите на македонскиот вицепрвак да дојдат во „СЦ „Борис Трајковски“ и да му помогнат на тимот во обидот да оствари поволен резултат против силниот ривал.

-Свесни сме дека Загреб е силна и искусна екипа. Ние мораме да ја повториме играта од Спортинг, ако сакаме поволен резултат. Очекувам да бидеме на тоа ниво. Мислам дека низ овие неколку изминати натпревари созреавме како екипа и треба да продолжиме напред. Сакам да упатам повик и до навивачите да дојдат утре во што поголем број и да ни дадат поддршка на овој тежок натпревар.

Натпреварот се игра утре со почеток во 20 часот и 45 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2017 12:36