Фудбалскиот сојуз на Хрватска по ремито со Финска (1-1), одлучи да му врачи отказ на селекторот Анте Чачиќ, јавуваа тамошните медиуми.

Репрезентацијата на Хрватска е во неред, а навивачите веќе извесно време бараат оставка на целото раководство на Сојузот, но и промена на селекторот, што сега им се оствари.

На Хрватска ѝ претстои последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство против Украина и за да може да игра во баражот, мора да оствари победа во тој натпревар.

Засега како единствен кандидат за испразнетата функција на селекторот е Матјаж Кек, тренерот на Риека, но прашање е дали тој има желба во ваков момент да го преземе националниот тим, особено поради тоа што има сигурна работа во клубот.

Репрезентацијата на Хрватска во квалификациите за Светското првенство во Русија се натпреварува во групата И, во која лидер на табелата е селекцијата на Исланд со 19 бодови, а потоа следуваат Хрватска и Украина на второто место со по 17 бодови, додека Турција има 14, Финска осум и Косово еден бод.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2017 23:28