Металург се враќа со освоен бод од тешкото гостување во Харков, каде целосно го надигра фаворизираниот тим на Мотор Запорожје, но и немаше сили да го освои целиот плен.

Металург одигра фантастично, веројатно најдоброто сезонава, прво полувреме во кое уште на самиот почеток стекна убедлива предност, која постојано ја надоградуваше, па во 25. минута стигна и до максималните девет гола разлика, 7:16. Мотор изгледаше целосно загубен, очигледно збунет од нашата игра 7 на 6, која ја практикувавме во текот на целиот натпревар. Во првото полувреме имавме одлична статистика во сите сегменти, почнувајќи од голманот Арсиќ, кој одбрани 8 удари, па преку одбраната која ги сопре сите ѕвезди во домашниот тим, се до нашиот напад, кој играше безгрешно и кој нанижа дури 18 гола во првите 30 минути.

По играта во првото полувреме, кое заврши со резултат 12:18 во наша полза, се чинеше дека Металург сигурно ќе ги освои двата бода од оваа средба. Но, почетокот на вториот дел навести дека Мотор нема лесно да се откаже од својата борба за бодовите од овој натпревар. Сосема очекувано, домашниот тим со сите сили тргна кон голот на Арсиќ, а на сето тоа се надоврза и кризата што наеднаш го фати Металург. Во првите десетина минути Мотор успеа да надокнади дури четири гола од предноста на Металург, за потоа уште десетина минути да се игра гол за гол. До своето прво израмнување Мотор дојде дури во 54. минута, па последните шест минути минаа во апсолутна драма. Нашите ракометари се движеа се потешко, очигледно заморени од наметнатото темпо, но и поради нашата тенка клупа, поради што воглавно игравме со една постава. Својата претпоследна шанса Металург ја имаше на 2,5 минути до крајот, кога, при водство со два гола разлика, нашите ракометари украдоа топка и тргна во контранапад за предност од три гола, која најверојатно ќе значеше и победа на оваа средба. Сепак, неодлучноста на Анџелиќ не чинеше гол, а лошиот потег на Велковски му донесе израмнување на нашиот противник. Нашата последна шанса ја имавме во последните 30 секунди, кога напаѓавме на противничкиот гол при исклучен играч на Мотор, но и таа топка ја загубивме, па му дадовме можност на противникот да изведе последен напад за чија реализација имаше седум секунди. Неправдата ја спречи Пуховски, кој успеа да упати удар, но не и да го совлада Арсиќ.

Средбата заврши со нерешени 28:28, но и двата тима можат да жалат за испуштената прилика да се освојат двата бода. Пред средбата, Металург сигурно ќе беше презадоволен со еден освоен бод, но, по се што се случи на овој натпревар, остана впечатокот дека денеска Металург испушти златна можност да се врати со победа од едно од најтешките гостувања во нашата група.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2017 23:58