Балканската музичка ѕвезда Здравко Чолиќ викендов оддржа тричасовен мега концерт во како дел од годинешната „Питијада 2017“ во Велес.
Чолиќ изрази задоволство што по 24 години повторно е во Велес, а концертот, според него, бил одлична можност да се оддолжи на поголем дел од фановите на неговите песни.
– Најубаво нешто е кога на свој концерт ќе видите млада публика, различни генерации…. За тоа и вредеше што напорно работам сите овие години. Вие може да снимате песни, но ако не ве следи нова генерација, вам ќе ви биде тешко и да имате публика. Новата генерација секогаш ги влече и постарите кои некогаш порано ве слушале, а сега повторно доаѓаат на концерт, рече Чолиќ.
За велешката пастрмајлија рече дека е супер специјалитет, на кој можат да му позавидат и Италијанците, кои имаат богат избор на специјалитети со тесто.
На прашањето на МИА дали соработува со македонски автори и колку старата македонска песна е инспирација за него, одговори дека имал разговор со Влатко Стефановски за да се направи нешто на тој план. – Моја неостварена желба е обработка на некоја стара македонска песна на еден модерен начин. Тоа отсекогаш сум го сакал и тоа сеуште стои како моја желба. Иако многу од тие добри стари македонски песни се преработени, мислам дека се уште има добри стари македонски песни кои се помалку познати на публиката, а кои се феноменални и кои би можеле да се обработат и отпеат во нови аранжмани. Тоа го направи Тоше Проески, а тоа го прават не само македонските туку и светските изведувачи. „Море сокол пие вода на Вардарот“, е мојата омилена песна, вели Чолиќ.
Следен концерт најави за во Сплит, а идната година на пролет не ја исклучи можноста да дојде во Скопје.
– За мене пред се љубовта со луѓето, со публиката, е големо богатство. За мене тоа е нешто најубаво што човек може да го има, на пример кога ќе одржиш концерт и луѓето одлично ќе те примат. Не само на просторот на поранешна Југославија, туку и насекаде каде има дијаспора, во Австралија, пред една година бевме одлично примени и од публиката во Канада и САД, и насекаде по Европа, вели тој.
За него интеракцијата со публиката е нешто што е многу важно, бидејќи без тоа не може да функционира естрадниот уметник.
– Има некое волшепство во таа енергија, сите денес се служат со таа енергија, но таа објективно постои како една сила, помеѓу изведувачите на сцена и публиката која за тоа и дошла, а тоа е една прекрасна работа, заклучува Чолиќ.