Дарја Ризова ја доби наградата „Рејхан Демирџиќ“ за најдобра млада актерка на 57-то издание на театарскиот фестивал МЕСС во Сараево кој заврши вчеравечер со доделување на наградите. Ризова е наградена за улогата во претставата „Електра“ во режија на Андриј Жолдак.

Како што соопшти Македонскиот народен театар, одлуката била едногласна, а претседателот на жирито, хрватскиот театролог Дарко Лукиќ, истакнал дека иако се работи за млада актерка, таа ги уверила со зрелоста преку начинот на кој ја реализирала особено сложената улога во рамки на режисерските барања.

– Актерката имаше многу голема енергија и присутност на сцената, и доста долг период беше постојано присутна пред публиката. Во еден релативно монохроматски режисерски регистер, токму нејзината улога донесе многу суптилност, боја и нијанси, и поради тоа наградата за најдобра млада актерка се доделува на Дарја Ризова, образложил Лукиќ.

Во конкуренција за наградите беа продукции од 12 земји: Белгија, Полска, Италија, Аргентина, Босна и Херцеговина, Шпанија, Хрватска, Србија, Франција, Бугарија, Швајцарија и Црна Гора, потпишани од светски лауреати, како: Паоло Маџели, Арпад Шилинг, Давид Еспиноса и Мило Рау.

Жирито во кое покрај Лукиќ беа и театарскиот теоретичар Пиетро Валенти и режисерот, драмски писател и актер Мигуел Ојарзун, одлучи Гран-при „Златен ловоров венец“ за најдобра претстава во целина да ја додели на претставата „Пет лесни парчиња“ од Белгија/Швајцарија, „Златен ловоров венец“ за најдобар режисер доби режисерот на таа претстава – Мило Рау, а „Златен ловоров венец“ за најдобро актерско остварување и е доделен на Силвија Калдерони за улогата во претставата „MDLSX“.

Жирито додели и две специјални награди за претставите: „Ноќен живот“ на авторот Паоло Маџели и „Еден гест“ на полскиот режисер Војтек Зимилски.

Беа доделени и наградите на малиот МЕСС од гласовите на децата – за претставата „Мала наука за животните“, од Дирекцијата на МЕСС – наградата „Марко Ковачевиќ“ за театарска критика, публицистика и театрологија на Дарко Лукиќ и наградата за придонес – на инклузивниот театар „ПокоЛоко“ од Загреб.

Следната изведба на „Електра“ на матичната сцена е на 26 октомври во 20 часот.

– Покрај тоа што за оваа изведба влезот за студентите е слободен, дирекцијата на МНТ одлучи во чест на наградата да им овозможи на сите гледачи слободен влез. Публиката може да ги подигне билетите на билетарницата на МНТ, на денот на претставата од 14 до 19 часот, соопшти МНТ.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/10/2017 12:40