Ракометарите на Вардар за два дена ја пречекуваат Барселона во дуел на две екипи од врвот на групата A во Лигата на шампионите.Tренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалес и капитенот Стојанче Стоилов со оптимизам го очекуваат дербито на колото во елитното натпреварување.

- Не очекува дуел со голем противник како што е Барселона. Имаат многу квалитетни играчи со искуство. Ќе биде многу тешко. Се работи за две екипи еднакви по квалитет. За да победиме ќе треба да одиграме добро и во одбраната и во нападот. Со нив се сретнавме на Супер Глоуб на почетокот на сезоната и на тој меч, иако изгубивме, покажавме дека можеме да играме со нив. Верувам дека нашите навивачи ќе дојдат во голем број и ќе ни помогнат да ја постигнеме целта, изјави Гонзалес на денешната прес-конференција.

Капитенот Стоилов посакува реванш за поразот во Доха.

- Барселона ни го нанесе единствениот пораз оваа сезона. На тој меч во Доха не се покажавме во најдобро светло. Мислам дека тука ќе ги победиме. Атмосферата во тимот е супер. Немаме повредени играчи. Сите се желни за успех и очекува со помош на нашите навивачи да победиме, рече Стоилов.

Натпреварот Вардар – Барселона ќе се игра в сабота (14 октомври) во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17 часот и 30 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2017 11:26