Серијата „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ, кој е актер, сценарист и режисер, од 22 октомври ќе почне да се емитува на Македонската радио телевизија, а истовремено и на јавните сервиси во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија.
Бјелогрлиќ на денешната средба со новинарите во Скопје рече дека првпат по распадот на Југославија во 90-тите години една серија во исто време ќе се прикажува во овие држави освен во Хрватска.
– Мислам дека тоа е една убава вест, додаде Бјелогрлиќ.
Сценаристот Дејан Стојилковиќ рече дека „Сенки над Балканот“ е приказна која е типична за овој дел од Европа.
– Се она што имаме во серијата на некој начин е последица на големата војна. Сите општествени процеси и се што се случи по оваа војна оставија голем белег на сите балкански народи,…истакна Стојилковиќ.
Серијата е историски трилер за настани од почетокот на 20 век, главно во Белград, и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија. Режисер на осмата епизода, што се снимаше претежно во Битола и околината, е Игор Иванов.
Пилот-филмот од ТВ-серијата „Сенки над Балканот“ кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, синоќа имаше и скопска премиера во кино Синеплекс, на затворањето на второто издание од фестивалот „Киненова“.
„Сенки над Балканот“, по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ, е меѓународна копродукција меѓу „Кобра филм“ од Србија, „Скопје филм студио“ од Македонија и „Искра“ од Русија. Како копродуценти на серијалот учествуваа и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Во актерската екипа се и Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Алексеј Солончев, а од Македонија играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.
Покрај на фестивалот „Браќа Манаки“, пилот-филмот од ТВ-серијалот „Сенки над Балканот“ беше промовиран и на Сараевскиот филмски фестивал и Филмските средби во Ниш. Телевизиското прикажување на серијата е најавено за крајот на овој месец.