Вардар останува лидер во А групата од ЕХФ лигата на шампионите откако го победи и декласираше тимот на Барселона со 27-24 (16-12). „Црвено-црните" сега во групата имаат 9 бода, еден повеќе од Рајн Некар и два повеќе од ПИК Сегед и Барселона.

Ова е втора победа по ред на Вардар над Барселона во лигата на шампионите, по онаа во полуфиналето во Келн, и прва во групната фаза од ЛШ.

Им се реванширавме за поразот во Доха на полуфиналето од Супер Глоуб турнирот, и ја продолживме серијата на мечеви на кои освојуваме бодови во лигата на шампионите.

Почнуваме со 5-1 одбрана со Кањељас на преден, Мораеш, Абутовиќ и Македа во одбрана, со Шишкарев и Дибиров на крила. Во напад само Абутовиќ се менуваше со Циндриќ и оваа седморка се покажа како одлична. Македа беше изненадувањето во одбрана и напад, а на моменти и Кањељас, особено во одбрана.

Ако на претходните натпревари можевме да најдеме замерка за играта и падовите, првото полувреме против Барселона беше речиси како од учебник. Одбраната делуваше компактно, тимски, претпазливо се играше на секоја топка а нападот убоит и прецизен. Арпад Штербик имаше 10 одбрани, а изненадувањето на Раул Гонзалез беше Хорхе Македа. Тој играше и во одбрана и во напад, постигнувајќи и три гола.

Барселона на самиот почеток искористи некои наши промашувања за водство од 1-3. Ние игравме според договореното, па брзо израмнивме. Сѐ до 13 минута беше и израмнет резултатот, 6-6. Потоа следуваше серија од 5-0 со која „избегавме" на 11-6. Можевме да ја дигнеме разликата и на „плус 6" но, на 12-7 не реализиравме напад.

Она што тогаш го пропуштивме подоцна знаевме да го искористиме, зашто во 25 минута Хорхе Македа со својот трет гол згоолеми на 15-9 и првпат имавме „плус 6". А кога Барселона внимаваше на Македа и Циндриќ тогаш погодуваше Вуко Борозан. Неговите проектили неможеше да ги брани Перез де Варгас. Нашиот бек постигна четири голови.

Игор Карачиќ првпат пред публиката во СЦ „Јане Сандански" во лигата на шампионите сезонава. Се повреди пред дуелот со Нант и не настапи на претходните три натпревари од ЛШ. Сега влезе во игра во второто полувреме и постигна еден гол.

Како што Вардар играше во првото полувреме, така продолжи во второто. Не ги спречи „црвено-црните" ниту повредата на Рожерио Мораеш кој доби удар во лицето и мораше да интервенира и лекарската екипа, а тој заврши во болница. Барселона играше на моменти агресивно и остро надевајќи се дека така нешто ќе се смени.

Гостите од Шпанија нема шанса на овој меч. Вардар доминираше на секое поле. Ниту лошите одлуки на судиите во некои моменти кои пред се ја креваа публиката на нозете не ги деконцентрираше вардарци. Имаа зацртана цел пред себе и ја остварија. Покажаа дека се подобри од Барселона, а сезонава „црвено-црните" повторно атакуваа на Келн и на уште една ѕвездичка на клупскиот амблем.

Неколкупати имавме предност од шест голови во второто полуврем, а кога Хорхе Македа во 54 минута погоди за водство 25-19 веќе на сите им стана јасно кој ќе ги освои бодовите. Последните четири минути добивме и три исклучувања, иако на спротивната страна во текот на натпреварот требаше да има многу повеќе.

Арпад Штербик мечот го заврши со 15 одбрани, а Вуко Борозан постигна 6 гола. Хорхе Македа даде 5, а Лука Циндриќ и Тимур Дибиров по четири голови.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2017 23:15