Скопје, ќе дојдеме повторно! – вака на седумилјадната публика во „Борис Трајковски“ синоќа ѝ се заблагодари големата музичка ѕвезда Стинг. Првиот концерт во Македонија во неговата кариера, која веќе четири децении не стивнува, го крена Скопје на нозе, му подари љубов и емоции кои долго ќе се паметат.

Врвни музичари што знаат што прават на сцена, имаат многу да подарат, од друга страна и публика желна за светски концерт, тоа беше совршениот баланс што се случи на арената „Борис Трајковски“. Беспрекорно звучеа најголемите хитови на Гордон Метју Томас Самнер во сите фази на неговото творештво, вклучително со неизбежниот бенд Police, во одлична придружба на сцената од моќни гитаристи, неговиот син Џо Самнер, како придружен вокал и партнер на сцената.

Одлична беше организацијата на „Авалон продукција“, која се погрижи турнејата „57th and 9th tour“ да долета и во Македонија. Без поголеми метежи за влез и за излез, одлична сцена, без технички недоследности – покажаа дека знаеме да бидеме дел од светот, да пречекаме врвни уметници и да им се радуваме. Стинг изведе неколку нови теми од албумот што го носи името на турнејата, но, очекувано, публиката се возбуди на големите хитови: Englishman in New York, Desert Rose, Fields of Gold, If I Ever Lose My Faith In You, Spirits in The Material World, Every Breathe You Take и многу други. Ashes to Ashes беше придонес на Стинг и екипата за почитуваниот Дејвид Боуви.

Без претерувања или сосема на место беа и визуелните ефекти на концертот. На уметник од калибар на Стинг и не му треба помош од дополнителни ефекти. Македонската публика првпат имаше можност да се сретне и со Џо Самнер, синот на Стинг, басист на групата Fiction Plane. Со моќниот глас наследен од неговиот татко, но со свој авторски печат и тој ги освои симпатиите на публиката. Иако на почетокот, по малку со недоверба (што се оправдува со непознавањето на неговото дело), но веќе по неколку песни и заедничкиот настап како придружен вокал, предизвика бурни овации од публиката. Големите луѓе знаат да бидат благодарни, да ја испочитуваат публиката.

Дури трипати се вратија на бис со по неколку песни и како и самите да не веруваа во повратната реакција од другата страна на сцената. По енергични два часа, последното благодарам Стинг го изрази со нежната Fragile.

Скопје покажа дека е гладен за големи концерти. Посакуваме што поретко да треба да одиме во соседни земји за да ги гледаме нашите омилени ѕвезди. И оваа култура го прави еден град метропола!

Извор: Факултети.мк



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2017 09:09