Македонскиот ракометен шампион Вардар утре го очекува уште еден натпревар со ППД Загреб, овој пат во регионалната СЕХА лига.

Тренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалес вели дека неговиот тим ќе треба да одигра добро доколку сака да дојде до уште една победа и да потврди дека е фаворит против хрватскиот тим.

– На ред ни доаѓа натпреварот со ППД Загреб во СЕХА Газпром лигата. На претходниот наш дуел двете екипи играа натпревар со висок интензитет во лигата на шампионите. Ако се сеќавате ние немавме добар почеток и тие водеа со 3-4 голови. Можеби ние повторно сме фаворити за победа, но тоа мораме да го потврдиме на терен. Треба да бидеме добро подготвени, а имаме и проблеми со некои повредени играчи. Знаеме дека ова ќе биде навистина тежок натпревар, изјави Гонзалес на денешната прес-конференција.

Слично размислува и капитенот Стојанче Стоилов.

– Треба да играме со противник што ние многу добро познат. Нашиот претходен дуел сезонава беше пред неколку седмици. Знаеме дека ја имаме фаворитската улога, што значи дека мораме да победуваме на сите натпревари пред домашна публика. Знаеме дека тоа нема да биде лесно, но тоа е наша обврска и верувам дека можеме да ја исполниме, рече пивотменот на Вардар.

На натпреварот од Лигата на шампионите на почетокот на овој месец Вардар победи со 28:21.

Средбата меѓу Вардар и ППД Загреб е закажана за утре (17 октомври) со почеток во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански”.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2017 12:12