„Инструментал Бенд“ со видеозапис и преработка на големиот хит „Полско цвеќе“ ја одбележува 10-годишнината од трагичната сообраќајна несреќа во која животот го изгуби нашата музичка легенда Тоше Проески, а целиот регион беше обвиен во црно.

– Со проектот „Полско цвеќе“ сакаме да ја одбележиме 10-годишнината од немилион настан кој го обви целиот регион во црно, но и да ги потсетиме сите дека Тоше се уште живее во нашите срца. Изразуваме огромна почит и благодарност кон се што направи. Неговите дела ќе живеат вечно, велат од бендот.

Преработката на песната е во продукција на Михајло Манојловски, а видеозаписот е снимен во режија на Куба Видео на неколку локации во Крушево, на брегот на Преспанското езеро и во Националниот парк „Пелистер“. На видеозаписот се појавува уметникот Александар Поповски, сликајќи го портретот на Тоше, но и кавалџијата Алекс Петковски.

Музичкиот состав „Инструментал Бенд“ постои од 2005-та година, а во него членуваат Жарко Стојкоски – вокал, Александар Котевски – клавијатура, Димитар Наумовски – тапани, Никола Стојановски – соло гитара и Михајло Манојловски – бас гитара.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2017 11:56