Новоизбраниот Парламент на Германија денеска ќе одржи конститутивна седница на која се очекува за претседател да биде избран министерот за финансии во заминување Волфганг Шојбле.

– Новиот Бундестаг ќе има најмногуброен состав досега – 709 пратеници, во споредба со претходниот кога имаше 631. Тој ќе биде најголемиот демократски избран национален Парламент во светот.

– За првпат од 1957 година во Бундестагот ќе бидат претставени шест партии, а досега немало повеќе од пет. Нова во Парламентот ќе биде ултрадесничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД).

– Во Парламентот се враќа Партијата на слободните демократи. Тоа е првпат една партија да влезе во Бундестагот откако на претходните избори не го освои ниту потребниот цензус од пет проценти.

– Првпат од 1972 година се намалува бројот на пратенички, кои се сведува на 30,7 проценти од вкупниот број. Досега тој процент постојано се зголемува. Меѓутоа, во двете партии – Зелените и Левицата – жените пратеници се мнозинство, соодветно 58 и 54 отсто од избраните претставници.

– Просечната возраст на пратениците благо се намалува – од 49,7 години во досегашниот состав на 49,4 години. Најмладиот пратеник е 24-годишниот Роман Мулер-Бом од Партијата на слободните демократи. Од десетмината највозрасни пратеници, осум се од групата на АфД, меѓу кои е и најстариот 77-годишниот Вилхелм фон Готберг.

– Според изменетите правила честа за воведен говор не му се дава на највозрасниот, туку на пратеникот со најдолг парламентарен стаж, а тоа е Волфганг Шојбле со 45 години стаж. Меѓутоа, тој се откажа од говорот бидејќи се очекува уште денеска да стане претседател на Бундестагот, па два говора би биле премногу за него. Затоа како прв меѓу еднаквите ќе застане Херман Ото-Золмс од редовите на слободните демократи, која е втор по возраст (76) години и втор по стаж (33) години.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2017 12:16