Во Скопје денеска почна снимањето на македонскиот игран долгометражен филм „Ефектот на среќа“ - урбана драма за универзалната потрага по среќа и барањето на смислата на животот. Режисер и сценарист е Борјан Зафировски, а соработник на сценариото е Дејан Дуковски.

- Филмот ја следи приказната на младата Леа, која се бори за своето здравје и преиспитувајќи го својот живот почнува невообичаена потрага по среќата, ефектите од неа врз другите луѓе и можноста од нејзино ширење и мултиплицирање, соопшти продукцијата Ново македонско видео.

Во главните улоги се Дејана Поповска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, а во останатите улоги се појавуваат и Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Филмот ќе се снима во наредните 30 дена на локации во Скопје и Охрид.

Најголемиот дел од буџетот за „Ефектот на среќа“ е обезбеден од Агенцијата за филм на Република Македонија. Копродуценти се Њу Момент, Видео Хаус анимејшн, Национален центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2017 13:07