Претставата „Стјуардеси” од Марк Камолети во режија на Синиша Евтимов на Театар Комедија вечер ќе има 100-та изведба. Од премиерата на 6 декември 2013 година претставата досега ја виделе над 32.000 посетители.

– Пиесата – класична фарса на францускиот драматург Марк Камолети со оригинален назив „Боинг-Боинг“ е влезена во Гинис како еден од најизведуваните драмски текстови во Франција. „Стјуардеси” е најпродаваната театарска претстава во Република Македонија за 2014 година. Актерите Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски-Тино таа година за улогите во претставата го добија признанието најдобар млад актер, а следната година на манифестација „Златна бубамара“ претставата доби награда за претстава на годината, соопшти Театар Комедија.

Во вечерашната јубилејна изведба на „Стјуардеси“ ќе учествуваат актерите: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски-Тино, Жаклина Петровска, Кристина Ласовска, Тања Мицков и Марија Кондовска.

Режисерот Синиша Евтимов на сцената на Театар Комедија ја подготвува својата трета премиера предвидена за декември – „Жена ми се вика Борис“ од францускиот драматург Рафи Шарт.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2017 17:53