Фудбалерите на Атлетико Мадрид тренираа на нивниот стар стадион „Висенте Калдерон“ пред натпреварот со Карабаг во Лигата на шампионите.

Атлетико последниот натпревар на „Висенте Калдерон“ го одигра пред повеќе од пет месеци, а негов дом сега е стадионот„Ванда Метрополитано“.

Стариот стадион на Атлетико ќе биде срушен, но клубот и понатаму може да го користи.

„Избиравме каде ќе тренираме и се согласивме дека идеално место е ‘Висенте Калдерон’“, изјави Диего Симеоне, тренерот на Атлетико.

На Атлетико пред дуелот му е потребна целата мотивација која може да ја извлече од славниот стадион, бидејќи победи само еднаш во последните шест натпревари.

Сè друго освен победа против Карабаг вечерва од 20.45 часот би го довело Атлетико во тешка ситуација во групата Ц, бидејќи е трет на табелата со два бода, зад водечкиот Челзи, кој има седум, и зад Рома со пет бодови.

Во минатиот натпревар Атлетико и Карабаг одиграа 0-0.

„Верувам во моите играчи. Мирен сум, бидејќи ситуацијата ќе се промени и ќе се случат најдобрите работи ако продолжиме да се бориме како што се боревме досега“, изјави Симеоне.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2017 23:45