„Џипси кингс“ (Gipsy Kings) на 22 декември ќе гостуваат во Скопје во рамки на новогодишното концертно шоу „All You Need is Love“ кое втора година го организира Авалон продукција.

– Новогодишен концерт ќе одржи една од најуспешните светски атракции „Џипси кингс“. Актуелната формација на бендот, предводена од Пако & Микаел Балиардо, доаѓаат во Скопје со Greatest hits сет, директно да влијаат на предновогодишната атмосфера. Со заводливо мешање на традиционалниот фламенко стил со поп и латино ритам, „Џипси кингс“ станаа планетарен феномен и кралеви на музичката сцена. Нашата публика ќе ужива во најголемите хитови како: „Volare“, „Bamboleo“, „Baila me“ и уште многу други, соопшти Авалон, наведувајќи и дека со овој настан ќе ја заокружи за нив историски успешната концертна 2017.

Во речиси тридецениската кариера бендот „Џипис кингс“ имал неколку светски турнеи и продадени над 25 милиони албуми. Еден од родоначалниците на денешниот стил на оваа група, Манитас де Плата, чие вистинско име е Рикардо Балиардо, се вбројува меѓу најголемите гитаристи на сите времиња. По шест номинации за Греми-наградите, во 2014 година „Џипси кингс“ го добија ова престижно признание за албумот „Savor flamenco“.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2017 03:13