Актерот Ентони Рап ја обвини холивудската ѕвезда Кевин Спејси за сексуално вознемирување, кое наводно се случило во 1986., кога тој имал само 14 години. Во тоа време, Спејси имал 26 години.

Тие работеле заедно на бродвејски претстави, а Спејси една вечер го повикал помладиот колега на забава во неговиот стан. На крајот на забавата, според тврдењата на Рап, Спејси легнал врз него и се обидел да има сексуален однос.

Рап, кој денес има 46 години, по овој инцидент никогаш повеќе не прозборел со Спејси. Тој вели дека со тек на време огорченоста растела, а кулминирала лани кога го видел како ја води церемонијата на доделување на наградите Тони.

Откако БазФид ја објави приказната на Рап, на Твитер се огласи и Спејси.

– Го почитувам и му се восхитувам на Ентони Рап како актер. Преплашен сум откако ја слушнав неговата приказна. Искрено не се сеќавам на средбата што се случила пред 30 години. Ако сум се однесувал онака како што тој опишува, му должам извинување за она што навистина било несоодветно пијано однесување и жал ми е поради чувствата со кои со години живеел, напиша Спејси.

– Таа приказна ме поттикна да решам и некои други работи во мојот живот. Знам дека постојат приказни за мене и оти се поттикнати од фактот што сум многу заштитнички настроен околу мојата приватност. Како што знаат моите најблиски, имав врски и со мажи и со жени. Ги сакав мажите цел мој живот, а сега одлучувам отворено да живеам како геј маж. Сакам кон тоа да се однесувам искрено и отворено, а тоа же почне со тоа што ќе го преиспитам своето однесување, напиша Спејси.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2017 03:18