Холивудскиот актер Кевин Спејси ќе остане без почесната награда „Еми“ која Меѓународната академија за телевизиски уметности планираше да му ја додели годинава. Ова следува откако беше откриено дека тој пред повеќе од 30 години се обидел да заведе 14-годишно момче.
Спејси, инаку сопственик на две награди „Оскар“ и еден од најпочитуваните американски актери требаше да ја добие наградата на посебна свеченост во Њујорк наредниот месец.
Спејси јавно се извини за своето недолично однесување, додавајќи дека не се сеќава на случката од 1986 година, кога на една забава во Њујорк сексуално го вознемирувал тогаш 14-годишниот актер Ентони Рап.
Еден ден по наводниот скандал „Нетфликс“ објави дека наредната, шеста сезона на „Куќа од карти“ ќе биде последна за оваа наградувана серија, појаснувајќи дека веќе некое време размислувале за тоа.