Деле Али, јунакот на победата на Тотенхем над Реал Мадрид, изјави дека не е изненаден од одличната претстава на неговиот тим.

Тотенхем го растури европскиот шампион на „Вембли“ и со резултат од 3-1 избори пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Клучен играч на „петлите“ во вторникот вечерта беше токму Али, кој беше стрелец на два погодока и имаше уште неколку одлични потези. „Фантастична игра, не сум изненаден од доминацијата. Не можевме да веруваме колку простор имавме на „Сантијаго Бернабеу“ (пред две седмици, прим. аут). Знаевме дека ако се држиме до нашиот план на игра и ако бидеме силни како тогаш, ќе имаме шанси. Пресреќни сме со резултатот. Не сакаме само да се натпреваруваме со овие тимови, туку и да ги победуваме. Среќен сум за двата постигнати гола, но поважна е победата“, изјави Али.

Триумфот на средината на второто полувреме го завери Кристијан Ериксен. Данецот ја замени улогата со најдобриот стрелец на тимот Хари Кејн, кој му се реваншира за бројните асистенции во изминатите сезони.

„Игравме професионално, да бевме малку помирни во завршницата, можеше да биде и поубедливо. Сега се подигаме на повисоко ниво. Среќни сме што се пласиравме во следната фаза“, изјави Ериксен.

Тотенхем има десет бода на две кола пред крајот на групната фаза, три повеќе од Реал, па не смее да се релаксира бидејќи првото место во групата би можело да донесе полесен ривал во осминафиналето.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2017 23:30