Со натпреварот против Кристијанштад во сабота (18 часот) вардарци ќе имаат две врзани гостувања во лигата на шампионите. Тимот отпатува за Шведска каде ја има фаворитската улога. Вардар е лидер во група А во лигата на шампионите со девет бода од пет натпревари. Домаќините се последни на табелата со само еден бод.

„Црвено-црните" ја имаат најдобрата одбрана во досегашниот дел од сезоната, и сме единствени што сме примиле помалку од 120 голови на пет натпревари. Сега ни почнува серија од шест мечеви во ноември, од што четири во лигата на шампионите и уште два во СЕХА Лигата. Во Шведска не заминаа само Страхиња Милиќ и Рожерио Мораеш, и двајцата поради повреда.

„На секој меч влегуваме мотивирано, и се подготвуваме за она што нѐ очекува. Нема лесни и тешки противници. Сѐ ќе зависи од нас, како ние ќе играме. Кристијанштад е млада екипа, која секоја сезона игра сѐ подобро и добива и повеќе искуство од дуелите во лигата на шампионите. Со овој натпревар почнува серија од шест мечеви во ноември и сакаме успешно да го завршиме овој месец“, вели Раул Гонзалес, тренерот на Вардар.

Кристијанштад сезонава по петте одиграни кола има само еден освоен бод, оној против ППД Загреб на домашен терен уште во првото коло. Потоа сериозно ја измачи Барселона во Шпанија, иако домаќините победија со 31-29, немаше да биде незаслужено ако Швеѓаните освоеја барем бод. Следуваа три средби каде Кристијанштад загуби и тоа убедливо.

На досегашните четири меѓусебни натпревари во лигата на шампионите, нашите момци секогаш победувале. Ова е трета сезона по ред како противник во групната фаза ни е тимот од Шведска. Лани исто така првиот меч го игравме во Шведска и победивме со 28-23, а во реваншот во Скопје триумфиравме со 32-29.

Натпреварот меѓу Кристијанштад и Вардар е закажан за в сабота во 18 часот со пренос на МТВ.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2017 20:15