Европскиот првак Вардар ги освојува бодовите и во шестиот меѓусебен меч со Кристијанштад, откако „црвено-црните" победија на гостувањето во Шведска со 23-26 (10-15). Остануваме лидери во А групата на ЛШ и ја продолжуваме серијата во која освојуваме бодови на средбите во ЛШ.
За Вардар ова е 11. натпревар во ЛШ по ред на кој освојуваме бодови, а петта победа во дуелите со Кристијанштад во ЛШ. Нашиот клуб останува на првото место во А групата со 11 бодови од шест натпревари.
Само 11. минути траеше надежта на домашните дека можат да му се спротистават на европскиот првак Вардар. Кристијанштад водеше со 5-3 во 11. минута, по што следуваше серија на голови на Вардар и не само пресврт, туку и целосна доминација на „црвено-црните". Во тој период Арпад Штербик одбрани три топки, нападот беше беспрекорен и брзо израмнивме и потоа поведовме со 11-7 во 20 минута. Вардар делуваше сигурен во одбраната, иако го имавме само Игор Карачиќ на среден бек, бидејќи поради повреда не играше воопшто Лука Циндриќ.
По само седум минути во второто полувреме домашните тренери мораа да побараат минута одмор бидејќи Вардар веќе имаше осум гола предност, 18-10 и два гола по ред постигна со играч повеќе и со празен гол на Кристијанштад. Вардар играше одлично во одбрана, и тоа му носеше голема предност на европскиот првак.
Домаќините единствено успеаја да намалат на „минус 5", но секогаш ние ја имавме иницијативата и ја одржувавме предноста. Одбраната беше клучот на добрата игра, нападот функционираше одлично, како што сме навикнати да го гледаме тимот.
Во следното коло Вардар гостува кај ППД Загреб.